Immunogenetics and Transplantation Lab

    Доц. д-р Дејан Трајков

    Доцент по имунологија

    Раководител, Институт за имунобиологија и хумана генетика (ИИБХГ), Медицински факултет, Скопје

    Поддржете не

    Вашата несебична помош на Институтот за имунобиологија и хумана генетика ќе им помогне на истражувачите да откријат лекување со коскена срцевина, трансплантација, имунотерапија и многу повеќе.

     

     

                                                                      преземи во pdf

    УНИВЕРЗИТЕТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“  СКОПЈЕ

     

    ПРАВИЛНИК

    за условите, критериумите и правилата за запишување

    и студирање на трет циклус студии - докторски студии

    на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

     

    Скопје, февруари 2010

     

     

     

    Врз основа на член 52, став 1, алинеја 23 од Законот за високото образование (Сл. весник на РМ бр. 35/08, бр. 103/08, бр. 26/09, бр. 34/09 и бр. 99/09) и член 235 од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетскиот сенат, на 18. седница одржана на 22.2. 2010 година, го донесе следниов  

     

    ПРАВИЛНИК 

    за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање  на трет циклус студии - докторски студии  на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје   

     

    I. Општи одредби  

     

    Член  1

    Со овој Правилник се регулира третиот циклус на студии - докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (во натамошниот текст: докторски студии). Правилникот ги опфаќа: организацијата, координацијата и реализаци-јата на докторските студии, условите и начинот на запишување студенти, структурата на студиите, правилата за студирање, постапката на пријавување, изработка и одбрана на докторската дисертација, како и називите на научниот степен доктор на науки.  

     

    Член 2

    На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (во натамошниот текст: Универзитетот) се организираат академски докторски студии од подрачјата на:

    • • природно-математичките науки

    • • техничко-технолошките науки

    • • биомедицинските науки и здравството

    • • биотехничките науки

    • • општествените науки

    • • хуманистичките науки и уметностите.

    Докторските студии можат да се организираат и како мултидисциплинарни во повеќе подрачја.  

     

    Член 3

    Докторските студии се организираат со цел:

    • • унапредување на научноистражувачката, уметничката и стручната работа;

    • • пренесување знаење на новите генерации;

    • • оспособување кадар кој самостојно ќе води оригинално научно истражување, развивање на нови технологии и уметнички проекти.

     

     Член 4

    Докторските студии на Универзитетот се организираат и се реализираат во согласност со правилата на болоњскиот процес и со европскиот кредит- трансфер систем. 

      

     

    II. Организација, координација и реализација на докторските студии   

    Оддел за докторски студии  

     

    Член 5

    Докторските студии се организираат во оддел за докторски студии со назив: Школа за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (во натамошниот текст: Школа за докторски студии). Називот на англиски јазик е Doctoral School. Школата за докторски студии обезбедува:  

    • • единствени критериуми за обезбедување квалитет на докторските студии во сите научни подрачја;

    • • рационално користење на научноистражувачките и други кадри, како и расположливата истражувачка инфраструктура; 

    • • можност за организирање на мултидисциплинарни студии.

    Докторските студии се организираат и се реализираат од факултетите и научните институти на Универзитетот.

     

    Стручен совет за докторски студии 

     

    Член 6

    Докторските студии се координираат од страна на Стручен совет за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (во натамошниот текст: Универзитетски стручен совет за докторски студии), кој, пак се формира од страна на Универзитетскиот сенат.

    Составот, надлежностите и начинот на работа на Универзитетскиот стручен совет за докторски студии се утврдени со Статутот на Универзитетот, со актот за неговото формирање и со овој Правилник. Универзитетскиот стручен совет за докторски студии: 

    • - на Универзитетскиот сенат му предлага студиски програми за докторски студии, врз основа на предлозите на единиците и на придружните членки кои вршат високообразовна дејност за докторски студии. Претходно мислење до Сенатот дава Ректорската управа на Универзитетот; 

    • - ги координира докторските студии на Универзитетот; 

    • - се грижи за обезбедување на квалитетот на докторските студии; 

    • - се грижи за поврзување на постојните и поттикнување на нови докторски студии;

    • - до Ректорската управа доставува предлог за конкурсот за запишување студенти на докторски студии, врз основа на предлозите на единиците и на придружните членки кои вршат високообразовна дејност за докторски студии (број на студенти, износ на школарина и други елементи на конкурсот);

    • - ја потврдува ранг-листата за прием на студенти по конкурсот за студирање на докторски студии; 

    • - ја утврдува листата на ментори;

    • - по предлог на носителите на студиските програми, ја потврдува листата на изборни предмети за стекнување генерички знаења и вештини за истражување; 

    • - ја координира наставата на предметите за стекнување генерички знаења и вештини за истражување;

    • - ја координира организацијата на докторски семинари и годишни конференции;

    • - се грижи за реализација на овој Правилник, за што донесува упатства и други општи и поединечни акти; 

    • - врши и други работи утврдени со овој Правилник и работи што ќе му бидат доверени од Универзитетскиот сенат.

    Стручните, административните и техничките работи за потребите на Универзитетскиот стручен совет за докторски студии се вршат од страна на  Стручната служба на Универзитетот.   

     

    Надлежности на факултетите и научните институти на Универзитетот во организирањето и реализацијата на докторските студии  

     

    Член 7  

    Надлежните органи на факултетите и научните институти на Универзитетот:

    • - ги изготвуваат и ги предлагаат студиските програми за докторски студии;

    • - го утврдуваат составот на советите на студиските програми на кои се предлагачи;

    • - обезбедуваат користење на простор и истражувачка опрема (библиотечен фонд, бази на податоци, лаборатории и сл.) при реализирање на студиските програми што ги организираат; 

    • - по барање на раководител на студиска програма одобруваат користење на простор и истражувачка опрема за реализација на студиски програми кои ги организираат и реализираат други факултети и научни институти во состав на Универзитетот;

    • - ги водат досиејата на студентите согласно со овој Правилник;

    • - одлучуваат во постапката за оцена на темата на пријавената докторска дисертација и во постапката за оцена и за одбрана на докторската дисертација;

    • - одлучуваат за распределба на средствата стекнати за организација на докторските студии и извршуваат финансиски обврски за активностите што се реализираат на нивните институции, согласно со актите на Универзитетот;

    • - вршат и други работи.

    Стручните, административните и техничките работи за потребите на факултетот, односно научниот институт, се вршат од страна на стручната служба на факултетот, односно на научниот институт.   

     

    Совет на студиска програма  

     

    Член 8

    За секоја студиска програма се формира совет на студиската програма. Советот на студиската програма го сочинуваат лица избрани во наставно-научни и научни звања на Универзитетот во научните области кои припаѓаат на научното поле каде што припаѓа студиската програма. 

    Припадноста на лицата на научната област според студиската програма се утврдува од страна на наставно-научниот совет на факултетот, односно научниот совет на институтот кој, односно кои ја предлагаат студиската програма.  Доколку сите членови на советот на студиската програма припаѓаат на еден факултет, односно научен институт, неговата функција може да ја врши наставно-научниот совет на факултетот, односно научниот совет на институтот. Составот на советот се утврдува со студиската програма, а се конституира по нејзината акредитација. 

     

    Член 9

    Советот на студиската програма:

    • - пред објавувањето на конкурсот утврдува план за ангажираноста на наставниците и листа на потенцијални ментори на докторски студии за секоја академска година и го доставува до Универзитетскиот стручен совет за докторски студии заради објавување на интернет-страницата на Универзитетот;

    • - ги утврдува дополнителните критериуми за запишување студенти на докторски студии кои се составен дел на конкурсот;

    • - утврдува прелиминарна и конечна ранг-листа на пријавените кандидати по конкурсот за запишување на студиските програми;

    • - по предлог на кандидатот назначува ментор, односно коментор;

    • - одлучува за промена на ментор; 

    • - одлучува за ангажирање на наставник и лице од практиката во реализацијата на студиските програми;

    • - учествува во постапката за оцена на темата на пријавената докторска дисертација и во постапката за оцена и за одбрана на докторската дисертација;

    • - врши и други работи утврдени со овој Правилник и работи што ќе му бидат доверени од Универзитетскиот стручен совет за докторски студии.

     

    Раководител на студиска програма 

     

    Член 10

    Раководителот на студиската програма, по предлог на деканот/деканите, односно на директорот/директорите, се избира од страна на советот на студиската програма. Изборот го потврдува Ректорската управа на Универзитетот. Мандатот на раководителот е четири години. 

     

    Член 11

    Раководителот:

    - ги свикува и раководи со седниците на советот на студиската програма;

    - ги потпишува актите од надлежност на советот на студиската програма;

    - организира средба со пријавените кандидати;

    - се грижи за организирање на наставата (распореди, сесии);

    - ги утврдува финансиските потреби за реализација на студиската програма и ги доставува до надлежен орган за одлучување;

    - ги изготвува и ги доставува до советот на студиската програма, актите и материјалите за прашања чие одлучување е во негова надлежност, доколку поинаку не е утврдено со овој Правилник;

    - ги извршува одлуките на советот на студиската програма;

    - ја координира соработката помеѓу советот на студиската програма и Универзитетскиот стручен совет за докторски студии;

    - врши и други работи утврдени со овој Правилник и кои ќе му бидат доверени од Универзитетскиот стручен совет за докторски студии и од советот на студиската програма.

     

    Заеднички одредби 

     

    Член 12

    За начинот и постапката на одлучување на Универзитетскиот стручен совет за докторски студии, советот на студиската програма и на комисиите утврдени со овој Правилник, соодветно се применуваат одредбите за начинот и постапката за одлучување на наставно-научниот совет на факултетот, односно научниот совет на институтот. Одлуките на органите и телата од став 1 на овој член се конечни, доколку поинаку не е утврдено со овој Правилник.  

     

    III. Услови и начин на запишување студенти  

     

    Член 13

    Запишувањето на докторските студии се врши врз основа на конкурс кој го објавува Универзитетот. Називот на конкурсот е: Конкурс за запишување студенти на трет циклус студии - докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (во натамошниот текст: конкурс). Постапката за донесување и објавување на конкурсот е утврдена со закон и со овој Правилник. Бројот на студентите треба да е во согласност со кадровските, просторните, техничките и другите можности на Универзитетот, како и со општествените потреби. Конкурсот се објавува најмалку 5 месеци пред почетокот на учебната година. Во конкурсот се наведуваат:

    • • студиската програма;

    • • бројот на студенти;

    • • условите и критериумите за упис;

    • • износот на школарината и другите давачки;

    • • роковите;

    • • други елементи од значење за конкурсот;

    • • други елементи согласно со закон.

     

    Член 14

    Право за запишување на докторски студии имаат лица кои завршиле соодветни студиски програми и кои ги исполнуваат основните критериуми:

    • • завршен II циклус на студии усогласени со европскиот кредит-трансфер систем (во натамошниот текст: ЕКТС-кредити);

    • • завршени постдипломски студии по студиските програми пред воведувањето на европскиот кредит-трансфер систем, на кои им се признаваат 60 кредити од обука за истражување и едукација; 

    • • стекната стручна подготовка според студиски програми за регулирани професии, со остварени најмалку 300 ЕКТС-кредити;

    • • остварен просечен успех од сите предмети од претходно завршеното високо образование, од најмалку 8,00; 

    • • познавање на еден од светските јазици. Доказ за познавање на светски јазик е сертификат од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ или меѓународен сертификат или диплома за претходно стекнато образование на соодветниот светски јазик.  

    За кандидатите кои не ги исполнуваат условите од алинеја 4 на овој член, во зависност од спецификите на научната област, советот на студиската програма може да утврди дополнителни критериуми за запишување.

     

    Член 15  

    Право за запишување на докторски студии на Фармацевтскиот факултет, согласно со препораките и стандардите на Орфеус за докторски студии во биомедицината и здравствените науки, имаат и:

    • • лица кои завршиле според студиска програма од 1992/1993 година, во траење од 5 години и се стекнале со диплома дипломиран фармацевт;

    • • лица кои завршиле според студиска програма од 2002/2003 и се стекнале со диплома магистер по фармација;

    • •  лица кои завршиле според студиска програма од 1981/1982 година, во траење од 4 години, кои се стекнале со диплома: дипломиран фармацевт и имаат завршена здравствена специјализација во траење од 3 години. 

    Право за запишување на докторски студии на Медицинскиот факултет, согласно со препораките и стандардите на Орфеус за докторски студии во биомедицината и здравствените науки, имаат и: 

    • • лица кои завршиле според студиските програми до 2005/2006 година и се стекнале со диплома: доктор на медицина, а се во тек на втора половина од  здравствена специјализација; 

    • • лица кои завршиле според студиска програма од 2005/2006 (360 кредити) и се стекнале со диплома: доктор по медицина, а се во тек на втора половина од  здравствена специјализација; 

    • • лицата кои се запишуваат на докторски студии од базична медицина на област за која нема здравствена специјализација, треба да имаат  најмалку два in extenso труда како прв автор, публикувани во списанија со меѓународен уредувачки одбор.

    Право за запишување на докторски студии на Факултетот за ветеринарна медицина имаат и: 

    • • лица со завршен интегриран прв и втор циклус, односно завршен втор циклус на студии од областа на ветеринарната медицина, медицинските науки, природните науки и биотехнолошките науки; 

    • • лица со завршени додипломски студии од погоре посочените области по студиските програми пред воведувањето на европскиот кредит-трансфер систем, при што кандидатите треба да имаат и најмалку два соодветни труда (еден како прв автор), публикувани во списанија со меѓународен уредувачки одбор; 

    • • лица со завршени соодветни специјалистички студии.

    Право за запишување на докторски студии на Архитектонскиот факултет имаат и:

    • • лица кои завршиле студии по архитектура по студиските програми пред воведувањето на европскиот кредит-трансфер систем, во траење од десет семестри; 

    • • лица кои се стекнале со звањето специјалист во рамките на третиот циклус на студии, при што на овие кандидати им се признаваат најмногу 60 кредити.

     

    Член 16

    Соодветноста на претходно завршените студии се утврдува од страна на советот на студиската програма за докторски студии. Советот на студиската програма, во зависност од спецификите на научната област, може да утврди дополнителни критериуми за запишување кои се составен дел на конкурсот.   

     

    Член 17  

    Право на запишување на докторски студии имаат и странски државјани согласно со закон и со овој Правилник.  

     

    Член 18

    Кандидатот кој се пријавува на конкурсот поднесува: 

    • • пријавен лист со назначување на избраната студиска програма за која конкурира;

    • • писмо за мотивација со назначување на областа на истражување и предлог на ментор од листата на ментори;

    • • кратка биографија;

    • • докази со кои се докажува исполнетоста на условите за запишување утврдени со овој Правилник;

    • • друга документација која се бара со конкурсот.

    Документацијата од став 1 на овој член се доставува во фотокопија, а оригиналите се доставуваат на увид.  

     

    Член 19

    По завршувањето на конкурсот се објавува прелиминарна ранг-листа на примени кандидати на докторските студии, за секоја студиска програма, односно потпрограма одделно. За кандидатите кои не ги исполнуваат условите за запишување на докторски студии се објавува посебна листа. Листите од ставовите 1 и 2 на овој член се објавуваат на интернет-страницата на Универзитетот.  

     

    Член 20

    Ранг-листата се формира според бодовите кои се пресметуваат врз основа на критериумите утврдени со овој Правилник и со конкурсот. Прелиминарната ранг-листа на примени кандидати и листата на кандидати кои не ги исполнуваат условите се утврдуваат од страна на советот на студиската програма.   Член 21 Кандидатите имаат право на приговор.

    Приговорот се поднесува во писмена форма до советот на студиската програма. Одлуката на советот е конечна. 

     

    Член 22 

    Со усвоените приговори не смее да се одземе правото на кандидат кој е претходно на прелиминарната ранг-листа на примени кандидати.   

     

    Член 23 

    По завршувањето на постапката по приговорите, советот на студиската програма ја утврдува конечната ранг-листа на примени кандидати и ја доставува до Универзитетскиот стручен совет за докторски студии за потврдување. Потврдената ранг-листа на примени кандидати е конечна.  Потврдената конечна ранг-листа на примени кандидати се објавува на интернет-страницата на Универзитетот. 

     

    Член 24 

    Роковите за пријавување на кандидатите, за објавување на ранг-листите, за одлучување по приговори и за другите елементи поврзани со постапката за запишување се утврдуваат со конкурсот.  

     

    Член 25

    По завршувањето на конкурсот, раководителот на студиската програма организира средби на примените кандидати и предложените ментори. Менторот потпишува согласност за прифаќање на обврските утврдени за ментор со овој Правилник. 

     

    Член 26

    При запишувањето, студентите потпишуваат договор за студирање. Договорот се потпишува од раководителот на студиската програма, деканот/директорот и студентот. Досието на студентот се води и се чува на факултетот, односно научниот институт - организатор на студиската програма каде што е вработен менторот. Доколку менторот е вработен на факултет, односно научен институт кој не е организатор на студиската програма, досието се води и се чува во една од институциите - организатори.   

     

    IV. Структура на студиските  програми 

     

    Член 27

    Докторските студии траат три години, што изнесува 180 ЕКТС-кредити. Студиските програми се состојат од:

    • 1. обука за истражување, што изнесува 30 ЕКТС-кредити;

    • 2. едукација, што изнесува 30 ЕКТС-кредити;

    • 3. пријава, изработка и одбрана на докторската дисертација, што изнесува 120 ЕКТС-кредити. 

     

    Член 28

    Обуката за истражување  опфаќа:

    • • три предмети за стекнување генерички знаења и вештини за истражување, што изнесува 12 ЕКТС-кредити (сите предмети од оваа група изнесуваат 4 кредити), и тоа: предметот научноистражувачка етика, еден предмет од групата предмети методологија на истражување и уште еден предмет од понудената листа на други предмети од обуката за истражување, која, по предлог на носителите на студиските програми, ја потврдува Универзитетскиот стручен совет за докторски студии;

    • • докторски семинари, конференции и работилници од истражувачка практика, што изнесува 18 ЕКТС-кредити.

     

    Член 29

    Едукацијата опфаќа предмети од полето, областа и од потесната област на истражување, што изнесува 30 ЕКТС-кредити. 

     

    Член 30

    Пријавувањето, изработката и одбраната на докторската дисертација опфаќаат: 

    • • оригинално истражување на кандидатот;

    • • пријавување на тема за докторска дисертација;

    • • објавување на печатени трудови, односно изведба на уметнички дела;

    • • пишување на дисертацијата;

    • • поднесување на изработената дисертација;

    • • јавна одбрана на дисертацијата.

     

    Член 31

    Студиските програми до Универзитетскиот стручен совет за докторски студии, заеднички или самостојно, се предлагаат од страна на наставно-научните совети на факултетите, односно советите на научните институти од научното поле каде што припаѓа студиската програма.  Студиските програми, по предлог на Универзитетскиот стручен совет за докторски студии и по претходно мислење на Ректорската управа, се усвојуваат од страна на Универзитетскиот сенат. 

     

    Член 32

    Студиските програми ги содржат компонентите утврдени со закон, подзаконските акти, со актите на Универзитетот и со овој Правилник. Студиските програми можат да имаат изборни потпрограми. 

     

    Член 33

    Наставата се изведува на македонски јазик.  Наставата може да се изведува и на еден од светските јазици, за што одлука донесува советот на студиската програма.  

     

    Член 34

    Наставата на докторските студии се организира во два основни облика:

    • • групна настава,

    • • индивидуална настава.

    Групната настава претставува основен облик на докторските студии. За да се одржува групна настава, бројот на студенти треба да е минимум 5.  Индивидуалната настава се одржува во вид на консултации.  

     

    Член 35

    Начинот на изведување на наставата, условите за напредување во текот на студиите, начинот на проверка на знаењата, запишувањето предмети и сл. се утврдуваат со студиската програма.  

     

    Член 36

    Студентот, во договор со менторот, избира предмети за стекнување генерички знаења и вештини за истражување и предмети за едукација од полето или областа на истражување. Избраните предмети се запишуваат во соодветната студентска евиденција и во индексот на студентот. Измена на избраните предмети е можна со поднесување молба за промена на предметот, со плаќање надомест кој е утврден со посебен акт.  Одлука за промена на избраните предмети донесува советот на студиската програма.   Учество на други лица во реализацијата на докторските студии 

     

    Член 37

    Во реализацијата на докторските студии можат да учествуваат и лица (во натамошниот текст: наставници) од други универзитети од земјата и од странство и лица од практиката од земјата и од странство, под услови утврдени со закон, со Статутот на Универзитетот и со овој Правилник. Лице од практиката од став 1 на овој член треба да има стекнато научен степен доктор на науки од соодветното поле на истражување. Одлука за ангажирање на лицата од ставовите 1 и 2 на овој член донесува советот на студиската програма. 

     

    Член 38

    Пред почетокот на секоја учебна година, советот на студиската програма донесува план за ангажирање на наставниците за докторските студии за соодветната студиска програма. Еден наставник може да држи настава на најмногу три предмети на една студиска програма за докторски студии. Во случај некој предмет да биде поделен на два или повеќе наставника, таквиот предмет пропорционално се пресметува во квотата за секој наставник. Еден студент на докторски студии кај еден наставник може да слуша и да полага најмногу два предмета.  

     

    Член 39

    Во рок од 6 години, пресметувајќи од денот на почетокот на семестарот во кој студентот се запишал на докторски студии, студентот е должен да ги положи сите испити и другите обврски утврдени со студиската програма и со овој Правилник, да ја пријави и да ја одбрани докторската дисертација.  Во случај на пречекорување на рокот од став 1 на овој член, студентот го губи статусот на студент на докторски студии. Лицето кое го губи статусот на студент на докторски студии може повторно да конкурира за запишување на докторски  студии. Доколку на кандидатот му е одобрено повторно запишување, може да му се признаат претходно положените испити на докторски студии за што одлука донесува советот на студиската програма. 

    При повторно запишување, студентот плаќа полн износ на школарина, намален во износ кој одговара на бројот на претходно признаените кредити.    

     

    Ментор  

     

    Член 40

    Менторот е од редот на членовите на советот на студиската програма, од потпрограмата (доколку ја има) на која се запишал студентот.  Менторот се утврдува од потесната област на истражување.  

     

    Член 41

    Mентор во потесна област на истражување може да биде лице кое ги исполнува критериумите утврдени во студиската програма за докторски студии. Критериумите за ментор се составен дел на студиската програма за докторски студии.  

     

    Член 42  

    Согласно со критериумите за ментор, пред објавувањето на конкурсот, секоја учебна година, советот на студиската програма утврдува листа на ментори според потесната област на истражување и ја доставува до Универзитетскиот стручен совет за докторски студии за утврдување. Доколку студиската програма има потпрограми, листа на ментори се утврдува за секоја потпрограма. 

     

    Член 43

    Наставникот кој ги исполнува критериумите за ментор, може да биде ментор на најмногу 2 кандидата кои се запишани на еден (ист) конкурс, односно не може истовремено да биде ментор на повеќе од 5 кандидати.  

     

    Член 44

    Менторот:

    • • го советува, го насочува и го води кандидатот/студентот;

    • • остварува консултации со студентот;

    • • го упатува студентот во литературата;

    • • го воведува студентот во методот на решавање на проблемот кој ја третира работата и во методот на научноистражувачката работа воопшто;

    • • дава мислења, сугестии, забелешки и предлози во текот на изработката на дисертацијата;

    • • му помага на студентот за одредување на обемот, содржината и начинот на излагањата на научните резултати од дисертацијата; 

    • • поднесува, најмалку еднаш во годината, писмен извештај до соодветниот совет на студиска програма во кој се вреднува успешноста на студентот во неговата работа;

    • • учествува во работата на докторските семинари и годишните конференции;

    • • ги реализира одлуките на органите и телата на Школата за докторски студии и на органите на Универзитетот;

    • • врши и други работи согласно со овој Правилник.

     

    Коментор  

    Член 45

    По предлог на студентот и менторот, соодветниот совет на студиската програма може да му назначи коментор на студентот од друга студиска програма, како и од друг универзитет од земјата или од странство. Коменторот од друг универзитет од земјата или од странство треба да ги исполнува условите за ментор утврдени со студиската програма за докторски студии.   

     

    Промена на ментор  

    Член 46

    Во текот на студиите може да се изврши промена на ментор. Барање за промена на ментор можат да поднесат менторот и студентот заедно, само менторот или само студентот. Доколку не постои спор помеѓу менторот и студентот во поглед на барањето за промена, советот на студиската програма донесува одлука за промена на ментор. Студентот го предлага новиот ментор од соодветната листа на ментори, а изборот го потврдува советот на студиската програма. Доколку постои спор помеѓу менторот и студентот во поглед на барањето за промена, советот на студиската програма спроведува постапка за утврдување на причините за промена. Во постапката учествуваат менторот и студентот. По спроведената постапка, советот на студиската програма може да го усвои или одбие барањето за промена на ментор.  Во случај кога барањето за промена на ментор поднесено од студентот е прифатено, а на студентот претходно му е прифатена темата за изработка на докторска дисертација, тој го губи правото на одбрана на прифатената тема, освен во случаите кога има согласност од менторот.   Студентот, од став 6 на овој член, има право да поднесе пријава за друга тема за изработка на докторска дисертација. Советот на студиската програма донесува одлука за промена на ментор по службена должност, во случај на спреченост на менторот подолга од 6 месеци.  

     

    V. Постапка за пријава, оцена и одбрана на докторска дисертација, односно изработка и/или изведба на уметничко дело 

     

    Член 47

    За пријава, оцена и одбрана на докторска дисертација, односно изработка и/или изведба на уметничко дело одлучува наставно-научниот, односно научниот совет на единицата (факултет/институт), на начин и во постапка утврдени со Статутот на Универзитетот и со овој Правилник.  Наставно-научен, односно научен совет во смисла на став 1 на овој член е наставно-научниот, односно научниот совет на единицата каде што припаѓа менторот, доколку таа единица е и организатор на студиската програма. Доколку менторот припаѓа на единица која не е организатор на студиска програма, во тој случај наставно-научниот, односно научниот совет е од единицата која е организатор на студиската програма. 

     

    Тема за докторска дисертација 

    Поднесување пријава за изработка на докторска дисертација 

     

    Член 48

    По остварени 42 ЕКТС-кредити од избраните предмети и најмалку 4 ЕКТС-кредити од докторски семинари и годишна конференција, студентот до наставно-научниот, односно научниот совет поднесува пријава за изработка на докторска дисертација.  

     

    Член 49

    Со пријавата за изработка на докторската дисертација, студентот подне-сува и елаборат за темата на докторската дисертација. Елаборатот содржи:

    • • наслов на темата; 

    • • преглед на достигнувањата на научната дисциплина поврзани со предметот на истражување;

    • • предмет на истражување;

    • • нацрт на содржината;

    • • цели на истражувањето; 

    • • образложение на работните хипотези и тези; 

    • • научни методи кои ќе се применат;

    • • очекуван научен придонес; 

    • • примена на резултатите од истражувањето; 

    • • список на литература и други извори.

     

    Комисија за оцена на пријавената тема за изработка на докторска дисертација 

     

    Член 50

    Наставно-научниот, односно научниот совет, по предлог на советот на студиската програма, формира комисија за оцена на пријавената тема за изработка на докторската дисертација (во натамошниот текст: комисија за оцена на темата).  Комисијата за оцена на темата е составена од три члена со наставно-научни и научни звања, од кои најмалку два се од соодветната научна област од која е темата на докторската дисертација. Менторот е прв член на комисијата за оцена на темата.  

     

    Доработка на пријавената тема за изработка на докторска дисертација  

     

    Член 51

    Комисијата за оцена на темата може да му ја врати пријавената тема на студентот за нејзина доработка.  Студентот е должен да ја доработи пријавената тема во рок од 30 дена од денот на враќањето. Пријавената тема може да биде вратена за доработка само еднаш.

    Ако студентот не ја поднесе повторно вратената тема за доработка во утврдениот рок, на првата наредна седница, наставно-научниот совет, односно

    научниот совет, по предлог на советот на студиската програма и на комисијата за оцена на темата, донесува одлука за запирање на постапката за стекнување научен степен доктор на науки и за тоа го известува студентот. Во овој случај, студентот има право да пријави само уште еднаш тема од истото научно поле. На барање на студентот, рокот за доработка на темата може да се продолжи, за што одлука донесува комисијата за оцена на темата.  

     

    Извештај на комисијата за оцена на темата  

     

    Член 52

    Комисијата за оцена на темата е должна во рок од три месеци од денот на поднесување на пријавата да поднесе извештај до наставно-научниот, односно научниот совет и до советот на студиската програма, со предлог за прифаќање или неприфаќање на темата за изработка на докторската дисертација.  Прифатената тема претставува работен наслов на докторската дисертација.  

     

    Член 53

    Должината на извештајот изнесува од 5 до 10 страници формат А4, со единечен проред. Извештајот на комисијата за оцена на темата содржи:

    • • име на кандидатот и работен наслов на темата;

    • • образложување на темата, која треба да содржи: o

      - предмет на истражување,

      - состојба  на научното подрачје во кое се работи дисертацијата,

      - цел на изработката на дисертацијата,

      - очекуван научен придонес;

    • • доколку се очекува резултатот од истражувањето да биде практично применлив, треба тоа да се нагласи;

    • • заклучок со предлог до наставно-научниот, односно научниот совет и до советот на студиската програма; 

    • • оригинални потписи на членовите на комисијата.

     

    Член 54

    Ако комисијата за оцена на темата не поднесе извештај во утврдениот рок, на првата седница на советот на студиската програма, раководителот или некој друг член на комисијата за оцена на темата го известува советот на студиската програма за причината за доцнењето. Доколку се прифатат причините, советот остава дополнителен рок од 30 дена за изготвување на извештајот. Доколку ни во тој рок комисијата за оцена на темата не поднесе извештај, наставно-научниот, односно научниот совет, по предлог на советот на студиската програма формира нова комисија за оцена, во која член и претседател е менторот, а другите членови не можат да бидат членовите од претходната комисија.      

     

    Одлуки на наставно-научниот, односно научниот совет  

     

    Член 55

    Наставно-научниот, односно научниот совет одлучува по предлог на советот на студиската програма и е должен на првата наредна седница од приемот на извештајот на комисијата за оцена на темата да донесе одлука по извештајот. Ако наставно-научниот, односно научниот совет го усвои извештајот на комисијата за оцена на темата со кој се предлага прифаќање на темата, од тој ден започнуваат да течат роковите за изработка и одбрана на докторската дисертација, а студентот стекнува статус на докторанд. Прифатената тема за изработка на докторската дисертација се објавува во Билтенот на Универзитетот. Одредбата од став 3 на овој член се применува и во случаите кога наставно-научниот, односно научниот совет нема да го прифати извештајот на комисијата за оцена на темата со кој се предлага неприфаќање на темата. Ако наставно-научниот, односно научниот совет го усвои извештајот на комисијата за оцена со кој се предлага да не се прифати темата, наставно-научниот, односно научниот совет донесува одлука за запирање на постапката за стекнување научен степен доктор на науки по поднесената пријава и за тоа го известува студентот. Во овој случај, студентот има право да пријави само уште еднаш тема од истото научно поле.  Одредбата од став 5 на овој член се применува и во случаите кога наставно-научниот, односно научниот совет нема да го прифати извештајот на комисијата за оцена на темата со кој се предлага прифаќање на темата.   

     

    Докторска дисертација  

    Член 56

    Докторската дисертација претставува оригинален и самостоен научен труд, кој, според методологијата на изработка и степенот на придонесот кон науката, е соодветен за утврдување на способностите на студентот да работи во науката како самостоен истражувач. Докторската дисертација од областа на уметностите се состои од 2 дела:

    • • концертна или сценска изведба на солистичко дело, солистички концерт, самостојна изложба на уметнички дека, театарска претстава, филм или радио-телевизиска емисија;

    • • пишан научен труд.

     

    Изработка на докторска дисертација  

     

    Член 57

    Содржината на докторската дисертација треба да е во согласност со прифатената тема за изработка на дисертацијата, односно конечниот наслов на дисертацијата не смее значително да отстапува од работниот наслов.  

     

    Член 58 

    Докторската дисертација треба да е напишана според стандардите утврдени со општ акт на Универзитетскиот стручен совет за докторски студии. 

     

    Член 59

    Докторската дисертација се пишува на македонски јазик.  Доколку студиската програма се реализира на еден од светските јазици, докторската дисертација се пишува на соодветниот јазик. Прилог на докторската дисертација е наслов и резиме на еден од светските јазици во обем до две страници, односно авторезиме на македонски јазик. Авторезимето треба да е напишано според стандардите утврдени со општ акт на Универзитетскиот стручен совет за докторски студии.  

     

    Поднесување на докторска дисертација 

     

    Член 60  

    Докторандот стекнува право да ја предаде изработената докторска дисертација по остварени 60 кредити од обуката за стекнување генерички знаења и вештини за истражување и објавени најмалку 2 печатени труда во списание со меѓународен уредувачки одбор или зборник на трудови од собир на меѓународна научна асоцијација.  Меѓународен уредувачки одбор е одбор во кој учествуваат експерти од соодветната научна област од најмалку 5 земји, при што бројот на учесници од една земја не може да надминува 40% од вкупниот број членови. Докторската дисертација студентот ја поднесува во шест еднообразни укоричени примероци.   

     

    Комисија за оцена на докторската дисертација 

     

    Член 61

    Наставно-научниот, односно научниот совет, на првата наредна седница од приемот на докторската дисертација, по предлог на советот на студиската програма, формира комисија за оцена на докторската дисертација (во натамошниот текст: комисија за оцена на дисертацијата). Комисијата за оцена на дисертацијата се состои од 5 члена со наставно-научни и научни звања, од кои најмалку три се од соодветната научна област од која е темата на докторската дисертација. Менторот е член на комисијата за оцена на докторската дисертација, но не може да биде претседател. Првиот член на комисијата за оцена е нејзин претседател.   Комисијата за оцена на дисертацијата е должна извештајот за оцена на докторската дисертација да го поднесе до наставно-научниот, односно научниот совет, во рок од 3 месеци од формирањето на комисијата за оцена на дисертацијата. 

     

    Член 62

    Ако Комисијата за оцена на дисертацијата не поднесе извештај во утврдениот рок, на првата седница на советот на студиската програма раководителот или некој друг член на комисијата за оцена на дисертацијата го известува советот на студиската програма за причината за доцнењето. Доколку се прифатат причините, советот остава дополнителен рок од 30 дена за изготвување на извештајот.

    Доколку ни во тој рок комисијата за оцена на дисертацијата не поднесе извештај, наставно-научниот, односно научниот совет, по предлог на советот на

    студиската програма формира нова комисија за оцена, во која член е менторот, а другите членови не можат да бидат членовите од претходната комисија.  

     

    Доработка на изготвената докторска дисертација  

     

    Член 63

    Наставно-научниот, односно научниот совет, по предлог на советот на студиската програма или на комисијата за оцена на дисертацијата, може да му ја врати изготвената докторска дисертација на докторандот за нејзина доработка.  Докторандот е должен да ја доработи докторската дисертација во рокот што ќе му го определи комисијата за оцена на дисертацијата. Докторската дисертација може да биде вратена за доработка само еднаш. Ако докторандот не ја поднесе повторно вратената дисертација за доработка во утврдениот рок, на првата наредна седница, наставно-научниот, односно научниот совет, по предлог на советот на студиската програма и/или на комисијата за оцена на дисертацијата, донесува одлука за запирање на постапката за стекнување научен степен доктор на науки и за тоа го известува докторандот. Докторандот нема право повторно да ја поднесе дисертацијата. По барање на докторандот, рокот за доработка на дисертацијата може да се продолжи, за што одлука донесува комисијата за оцена на дисертацијата.  

     

    Извештај на комисијата за оцена на докторската дисертација 

     

    Член 64

    Должината на извештајот на комисијата за оцена на докторската дисертација изнесува 10-15 страници, формат А4, со единечен проред. Извештајот содржи:

    • • датум или реден број на седницата на наставно-научниот, односно научниот совет на која е формирана комисијата за оцена на дисертацијата, име на кандидатот и наслов на дисертацијата;

    • • анализа на трудот, која содржи: o податоци за предметот на истражување,

    • - податоци за состојбата на подрачјето во кое е работена дисертацијата,

    • - краток опис на применетите методи,

    • - краток опис на резултатите од истражувањето;

    • • заклучок, кој содржи: o главни научни придонеси на кандидатот,

    • - подрачје на примена и ограничувањата,

    • - можни понатамошни истражувања,

    • - заклучок со предлог до наставно-научниот, односно научниот совет;

    • • оригинални потписи на сите членови на комисијата (доколку нема издвоени мислења);

    • • потпишани издвоени мислења, доколку ги има.

     

    Објавување на извештајот 

     

    Член 65

    Извештајот за оцена на докторската дисертација се објавува во Билтенот на Универзитетот, пред да биде доставен до наставно-научниот, односно научниот совет.  Секое физичко и правно лице, во рок од 15 дена од објавувањето, има право во писмена форма да достави забелешки и предлози во врска со докторската дисертација и извештајот на комисијата за оцена на дисертацијата. Комисијата за оцена на дисертацијата е должна да ги разгледа забелешките и да достави мислење до советот на студиската програма и до наставно-научниот, односно научниот совет на седницата на која се разгледува нејзиниот извештај. Поднесените забелешки и предлози, како и мислењето на комисијата се составен дел од извештајот на комисијата за оцена на дисертацијата.  

     

    Одлуки на наставно-научниот, односно научниот совет 

     

    Член 66  

    Комисијата за оцена на дисертацијата, во рок од 7 дена од истекот на рокот од 15 дена од објавувањето во Билтенот, извештајот го доставува до советот на студиската програма и до наставно-научниот, односно научниот совет, кој одлучува за извештајот на првата наредна седница.  Со извештајот се доставува и извештајот од член 65, став 4 на овој Правилник.  

     

    Член 67

    Наставно-научниот, односно научниот совет одлучува по предлог на советот на студиската програма и е должен на првата наредна седница од приемот на извештајот на комисијата за оцена на дисертацијата да донесе одлука по извештајот. Ако наставно-научниот, односно научниот совет го усвои извештајот на комисијата за оцена на дисертацијата со кој се предлага прифаќање на изработената докторска дисертација, формира комисија за одбрана на докторската дисертација. Ако наставно-научниот, односно научниот совет го усвои извештајот на комисијата за оцена на дисертацијата со кој се предлага да не се прифати изработената докторска дисертација, наставно-научниот, односно научниот совет донесува одлука за запирање на постапката за стекнување научен степен доктор на науки и за тоа го известува докторандот. Докторандот нема право повторно да ја поднесе дисертацијата. 

     

    Член 68

    Ако наставно-научниот, односно научниот совет не го прифати позитивниот извештај на комисијата за оцена, донесува одлука за запирање на постапката за стекнување научен степен доктор на науки и за тоа го известува докторандот. Докторандот нема право повторно да ја поднесе дисертацијата. Ако наставно-научниот, односно научниот совет не го прифати негативниот извештај на комисијата за оцена на дисертацијата, донесува одлука за формирање нова комисија за оцена на изработената докторска дисертација и постапката понатаму тече според одредбите од овој Правилник. 

     

    Комисија за одбрана на докторската дисертација 

     

    Член 69

    Комисијата за одбрана на докторската дисертација (во натамошниот текст: комисија за одбрана) се состои од 5 члена со наставно-научни и научни звања, од кои најмалку три се од соодветната научна област од која е темата на докторската дисертација. Менторот е член на комисијата за одбрана, но не може да биде претседател. Првиот член на комисијата за одбрана е нејзин претседател. Членовите на комисијата за оцена на докторската дисертација можат да бидат и членови на комисијата за одбрана. 

     

    Член 70

    Докторската дисертација мора да биде достапна за јавноста најмалку 15 дена пред одбраната.   

     

    Јавна одбрана  

     

    Член 71

    Одбраната на докторската дисертација се одржува најдоцна во рок од еден месец од денот на прифаќањето на извештајот од советот на студиската програма. Во средствата за јавно информирање се објавуваат името и презимето на докторандот, насловот на докторската дисертација, времето, денот и местото за одбрана, најдоцна 7 дена пред денот утврден за одбрана. Одбраната на докторската дисертација е јавна.  

     

    Член 72

    Во случај на спреченост на некој од членовите на комисијата, се врши замена на членот по постапка за избор на член на комисијата утврдена со овој Правилник. 

     

    Член 73

    Со одбраната на докторската дисертација раководи претседателот на комисијата за одбрана. Претседател е првиот член на комисијата. За текот на одбраната на докторската дисертација се води записник.  

     

    Член 74

    На почетокот на одбраната, претседателот на комисијата за одбрана:

    • • ги изнесува биографските податоци на кандидатот;

    • • ги запознава присутните со хронологијата на постапката за стекнување научен степен доктор на науки, односно со: 

    • - пријавата на темата на дисертацијата,

    • - поднесување на дисертацијата на увид и оцена,

    • - одлуката на наставно-научниот, односно научниот совет;

    • • го чита заклучокот на извештајот на комисијата за оцена на дисертацијата.

    По својот воведен збор, претседателот на комисијата бара докторандот во кратки црти да ја изложи својата дисертација, со посебен осврт на научниот придонес кој во неа се содржи. Потоа, докторандот ги изложува резултатите од својата дисертација, по правило во траење до 30 минути. По излагањето на докторандот, членовите на комисијата за одбрана  поставуваат прашања кои се однесуваат на самата дисертација или на научната област од која е дисертацијата. Докторандот е должен да одговори на секое прашање. Кога членовите на комисијата ќе завршат со испрашување на докторандот, претседателот на комисијата за одбрана се обраќа до присутните и ги известува дека тие можат да му постават прашања на кандидатот во врска со дисертацијата. Прашањата се поставуваат во писмена форма и се доставуваат до претседателот на комисијата за одбрана. Докторандот е должен да одговори на прашањата за кои претседателот на комисијата за одбрана смета дека се поврзани со докторската дисертација.  По завршувањето на испрашувањето на докторандот, комисијата за одбрана се повлекува заради донесување одлука. Одлуката се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број и тоа се внесува во записникот за јавна одбрана. По донесувањето на одлуката и составувањето на записникот, комисијата се враќа во просторијата во која се одржува одбраната. Претседателот на комисијата за одбрана го чита записникот за одбраната и одлуката на комисијата.  

     

    Член 75

    По спроведената постапка за одбрана на докторската дисертација, одлуката може да гласи: докторандот ја одбранил докторската дисертација или докторандот не ја одбранил докторската дисертација.  

     

    VI. Научен назив 

     

    Член 76

    Докторандот кој одбранил докторска дисертација се стекнува со научниот степен доктор на науки, односно доктор по уметности. Во дипломата се наведуваат научното подрачје и студиската програма, односно потпрограмата.  

     

    VII. Издавање на уверение  

    Член 77

    По одбраната на докторската дисертација, на докторандот му се издава уверение за завршените докторски студии. Деканот/директорот на единицата и раководителот на студиската програма го потпишуваат уверението. 

     

    VIII. Издавање на диплома  

     

    Член 78

    За стекнат научен назив доктор на науки, односно доктор по уметности, се издава диплома на промоција која ја организира ректорот на Универзитетот.  Ректорот ја потпишува дипломата. 

     

    IX. Финансирање на докторските студии

     

    Член 79

    Средствата за реализација на докторските студии се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, со школарина и други давачки на студентите на докторските студии, на начин и во постапка утврдени со закон. Средствата за реализација на докторските студии можат да се обезбедуваат во соработка со други универзитети, правни и физички лица од земјата и од странство. 

     

    Член 80

    Прашањата во врска со покривањето на трошоците за реализација на докторските студии ќе се регулираат со посебен акт.   

     

    X. Примена на овој Правилник 

     

    Член 81

    Одредбите од овој Правилник ќе се применуваат и на јавните научни установи-придружни членки на Универзитетот.   

     

    XI. Преодни и завршни одредби 

     

    Член 82

    Постапките за стекнување научен степен доктор на науки започнати заклучно до почетокот на учебната 2009/2010 година ќе завршат според прописите кои важеле во времето на поднесувањето на пријавата на тема за изработка на докторска дисертација. Лицата запишани на докторски студии на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, почнувајќи од учебната 2007/2008 година до влегувањето во сила на овој Правилник, продолжуваат да студираат на докторските студии согласно со студиската програма на која се запишале.   Лицата запишани на докторски студии на Институтот за фолклор, почнувајќи од учебната 2007/2008 година до влегувањето во сила на овој Правилник, продолжуваат да студираат на докторските студии согласно со студиската програма на која се запишале.   

     

    Член 83

    Советите на студиските програми ќе се конституираат во рок од 30 дена од акредитацијата на студиските програми.  

     

    Член 84   

    Овој Правилник стапува во сила со денот на објавувањето во Универзитетскиот гласник.                          

     

    Р е к т о р 

    Проф. д-р Велимир Стојковски

     

     


     

     

    X