Immunogenetics and Transplantation Lab

    Доц. д-р Дејан Трајков

    Доцент по имунологија

    Раководител, Институт за имунобиологија и хумана генетика (ИИБХГ), Медицински факултет, Скопје

    Поддржете не

    Вашата несебична помош на Институтот за имунобиологија и хумана генетика ќе им помогне на истражувачите да откријат лекување со коскена срцевина, трансплантација, имунотерапија и многу повеќе.

    Како да станам ДАРИТЕЛ

     

    Важни и чести прашања
    1. Што е коскена срцевина?
    2. Што е трансплантација на коскена срцевина?
    3. Кој може да дарува коскена срцевина за одреден пациент?
    4. Што значи компатибилност?
    5. Што е Регистер на дарители на коскена срцевина?
    6. Како може да се приклучите на Регистерот на дарители?
    7. Што е следно откако ќе се пријавите во регистерот?
    8. Дали може да се премислите и откажете од Регистерот?
    9. Што ако баш Вие испаднете соодветен дарител за некој пациент?
    10. Како се дава коскена срцевина?
    11. Постапка на давање коскена срцевина од периферна крв
    12. Постака на давање коскена срцевина од карличната коска
    13. Дали е давање коскена срцевина безбедно?
    14. Каде се спроведува постапката на давање коскена срцевина?
    15. Што е потребно Вие да знаете ако баш Вие сте во можност некому да помогнете?
    16. Размислите да станете дарител на коскена срцевина

    1. Што е коскена срцевина?
    Коскената срцевина е место каде се создаваат новите крвни клетки, како на пример еритроцити, леукоцити и тромбоцити. По излед таа е слична на крвта, а се наоѓа во централниот дел на големите коски. Бидејќи овие клетки се неопходни за пренесување на кислород, во одбраната од инфекции или за запирање на крварења, нормален живот не е можен без правилно функционирање на коскената срцевина.

    2. Што е трансплантација на коскена срцевина?
    Коскената срцевина може да биде уништена заради тешки болести, зрачење или лекови. Тогаш не се создаваат нови крвни клетки и настануваат болести кои го загрозуваат животот како што се апластична анемија, имун недостаток, леукемија или слични состојби, Овие болести единствено можат да се излечат со замена на болната коскена срцевина со клетки од здрав дарител. Оваа процедура е транплантација на коскена срцевина. Слично како при трансфузија на крв, со вбризгување на клетки од здрава коскена срцевина во вената на болниот се очекува тие да ги заменат болните клетки и да почнат со создавање на здрави крвни клетки. Се работи за релативно едноставна интервенција и таа во голем процент се завршува успешно и кај возрасни пациенти и кај деца.

    3. Кој може да дарува коскена срцевина за одреден пациент?
    Идеален дарител на коскена срцевина може да биде роден брат или сестра на пациентот. Сепак, за трансплантацијата да биде успешна, неопходно е дарителот и болниот да бидат комплетно компатибилни. Статистички само за околу 30% од болните се наоѓа комплетно идентичен дарител помеѓу членовите на фамилијата. За излекување на останатите пациенти потребно е да се најде соодветен (компатибилен) дарител кој не е во крвно сродство со нив.

    4. Што значи компатибилност?
    Компатибилноста се однесува на гени, наречни хумани леукоцитни антигени или скратено ХЛА. За да се испита дали некој дарител е компатибилен со пациентот, треба да се направи т.н. ХЛА типизација. Оваа постапка се прави во нашата лабораторија од мал примерок на крв. Бидејќи постојат многу различни варијанти на ХЛА гени, веројатноста да се најде соодветен, комплетно идентичен дарител за некој пациент, е многу мала. Затоа се формираат дарителските регистри, каде се складираат податоци за многу доброволни дарители на коскена срцевина и со тоа пребарувањето на соодветен дарител станува поедноставно и поефикасно.

    5. Што е Регистер на дарители на коскена срцевина?
    Податоците за луѓето кои сакаат да даруваат коскена срцевина за болните на кои им треба и резултатите од нивната ХЛА типизација се чуваат во т.н. регистри на доброволни дарители на коскена срцевина. Кога на некој пациент му е потребна трансплантација, во регистрите се пребарува дарител кој би бил компатибилен со него. Заради олеснување на пребарувањето и зголемување на шансите за пронаоѓање на соодветен дарител, поединечните регистри од многу земји се здружени во Светски регистер на доброволни дарители на коскена срцевина. Денес (октомври 2014), светскиот Регистер брои повеќе од 24 милиони доброволни дарители од целата Земјина топка. Колку е поголем бројот на потенцијални дарители, толку е поголема и веројатноста дека некој од нив ќе биде соодветен за конкретен пациент. При тоа, веројатноста дека за одреден пациент ќе се пронајде соодветен дарител е поголема, ако дарителот и пациентот се со иста етничка припадност.

    6. Како може да се приклучите на Регистерот на дарители?
    Пријавувањето во дарителскиот регистер е многу едноставно: се пополнува пријавен лист и се дава примерок крв за ХЛА типизација. Дарители на коскена срцевина можат да бидат само здрави лица на возраст меѓу 18 и 50 години. Нивните податоци остануваат во регистерот додека не наполнат 60 години. При пријавувањето се пополнува и медицински прашалник, кој помага во проценката дали е дарувањето коскена срцевина комплетно безбедно за секој дарител. Се разбира, сите податоци се строго доверливи. Ако сте личност која сака да помогне, размислете за овој прв чекор кон пристапувањето во регистерот. Вас тоа нема да Ве чини ништо, а за некој друг би можело да значи спасување на живот.

    7. Што е следно откако ќе се пријавите во регистерот?
    Вашите лични податоци, информациите од медицинскиот прашалник, како и резултатите од ХЛА типизацијата се внесуваат во компјутерска база на податоци. Од тука се достапни само на стручен персонал кој е вклучен во изборот на најсоодветен дарител. Потоа, може да помине долго време (неколку години) додека се премине на следниот чекор. За најголем дел од доброволните дарители, до следниот чекор не доаѓа никогаш бидејќи веројатноста да се најде болен со истата комбинација на ХЛА гени е многу мала. Но, од друга страна, можно е токму Вие и само Вие да сте единствената надеж за спас на некој болен. Затоа е важно ние постојано да имаме Ваша адреса и телефон и да бидеме во тек со нивната промена.

    8. Дали може да се премислите и откажете од Регистерот?
    Вие секогаш можете да се премислите и да се повлечете од регистерот. Сепак, ние се надеваме дека нема да заборавите оти можеби некој пациент во некој дел од светот ја очекува баш Вашата срцевина и таа е за него единствен спас.

    9. Што ако баш Вие испаднете соодветен дарител за некој пациент?
    Доколку испадне баш Вашата ХЛА типизација да е комплетно иста со ХЛА типизацијата на некој болен, тогаш Вие сте голема надеж за негово излекување. Тогаш ќе Ве повикаме за понатамошно објаснување и соработка. Во согласност со медицинската етика и меѓународните стандарди, на потенцијалните дарители на коскена срцевина треба детално да им се објасни медицинската процедура и можните симптоми поврзани со неа, иако тие се многу ретки.
    Прво, Ве повикуваме на разговор. Во тек на разговорот од стручно лице ги добивате сите детални информации кои ја опишуваат целата постапка. Потоа е неопходно да се направат дополнителни испитувања за да се осигураме дека сте здрави и дека земањето на Ваша коскена срцевина ќе биде комплетно безбедно за Вас, како и за да ја потврдиме ХЛА типизацијата. Следно, треба да се испланира краток престој во специјализирана здравствена установа.

    10. Како се дава коскена срцевина?
    Коскената срцевина се зема на 2 начина. Еден начин е земање на матични клетки од периферната крв, а вториот начин е земање на коскена срцевина од карличната коска. Денес многу почесто, во околу 80% од случаите, коскена срцевина се обезбедува од периферната крв.

    11. Постапка на давање коскена срцевина од периферна крв
    Постапката се изведува така што со систем за еднократна употреба се вади крв од од вена на едната рака и крвта се пропушта низ апарат – сепаратор. Во овој апарат се издвојуваат матичните клетки, а останатиот дел од крвта повторно се враќа на дарителот преку друга стерилна игра. Целата процедура трае неколкѕ часа и за неа не е неопходно останување во болница. Бидејќи клетките од коскената срцевина се наоѓаат во крвта во мала количина, пред почетокот на процедурата нивната количина се зголемува со давање на т.н. фактор за стимулација и раст на гранулоцитни колонии. Овој фактор за раст и нормално го има во организмот и тој го регулира создавањето на белите крвни клетки. Пред дарувањето на коскена срцевина, овој фактор во вид на инјекции се дава во тек на 5 дена за да се забрза создавањето на матични клетки и нивно навлегување во периферната крв. Ретко, по давањето на факторот за раст, може да се почувствува краткотрајна малаксаност која исчезнува 1-2 дена по давањето на последната доза.

    12. Постака на давање коскена срцевина од карличната коска
    Коскената срцевина од карличната коска се зема со посебна стерилна игла. Целата процедура се одвива во краткотрајна општа или локална анестезија. Најзначајна несакана реакција може да биде реакцијата на анестезијата, но ризикот е навистина мал. Во тек на опоравувањето, можно е да се чувствува мала нелагодност на местото на убодот на иглата.

    13. Дали е давање коскена срцевина безбедно?
    Да. Давањето на коскена срцевина е комплетно безбедна процедура. Таа постојано се обновува и за 3-4 недели во потполност ќе биде надокнадена. За дарителот не постои ризик од инфекции во тек на процедурата.

    14. Каде се спроведува постапката на давање коскена срцевина?
    Сите дарители на коскена срцевина од Македонскиот дарителски регистер доаѓаат на Клиниката за Хематологија во Скопје, каде тим од стручњаци ја обезбедува коскената срцевина, која потоа се испраќа до болницата каде е хоспитализиран пациентот кој имал потреба од оваа коскена срцевина.

    15. Што е потребно Вие да знаете ако баш Вие сте во можност некому да помогнете?
    Регистерот не им помага само на пациентите во нашата земја, туку и ширум светот. Соодветно, доколку пациент во Македонија има потреба од трансплантација на коскена срцевина, а во нашиот Регистер не најдеме соодветен дарител за него, со специјализирано пребарување тој може да се најде некаде во светот. По правило, анонимноста е загарантирана, но со обострана согласност можно е покасно да се организира и средба помеѓу пациентот и дарителот. Според меѓународните принципи, не е дозволено плаќање или каква било материјална надокнада за дарувањето коскена срцевина.

    16. Размислите да станете дарител на коскена срцевина
    Во моментов, светската асоцијација на дарителски регистри брои повеќе од 24 милиони доброволни дарители на коскена срцевина ширум светот. Сепак, можно е токму Вашата ХЛА комбинација да биде единствена надеж за излекување на некој пациент од Македонија или некаде од светот. Ако сакате да помогнете, приклучете се на нашиот Регистер.

    најнови МЕТОДИ

    ВИСОКОРАЗДЕЛНА ХПВ ГЕНОТИПИЗАЦИЈА

    Со овој метод ги откриваме следниве ХПВ генотипови: 6, 11, 16, 18, 26, 31, 33, 35, 39, 40, 43, 44, 45, 51, 52, 53, 54, 56, 58, 59, 66, 68, 69, 70, 71, 73, 74 и 82.

    Пакет за репродуктивни автопротивтела

    Пакет за поствакцинални противтела

    Пакет од алергени за астма

     

    Пакет од алергени за ринитис кај  ВОЗРАСНИ

     

    Пакет од алергени за ринитис кај  ДЕЦА

     

    Пакет од алергени за екцем
     

    Пакет од алергени за настинка со свирежи
     
    Пакет за алерголошки тестови кај аутизам
     
    Пакет за инхалаторни и нутритивни
     алергени

     
    Пакет за инхалаторни алергени
     
    Пакет за нутритивни алергени
     
    Пакет од инхалаторни и нутритивни алергени за деца
     
    Полиморфизми на цитокински гени
     

    Полиморфизми на КИР гени

     

    Види ги сите испитувања »

    X